Ликовната изложба „Плачот на Адам“ на сликарот Никола Пијанманов од 15 август е поставена во Македонскиот културен центар во Њујорк („Gallery MC“) и со изложените дела се прави паралела на стариот и на современиот Адам.
Литературата, музиката, филмот, теологијата, филозофијата, како и делата на други уметници, имаат влијание во творештвото на Никола Пијанманов. Роден е во 1981 година во Струмица. Средно уметничко училиште завршил во „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на професорот Рубенс Корубин во 2005 година. Автор е на сценографии, плакати, држи предавања и работилници и активно учествува во културниот живот во Македонија.
Со сликарот Никола Пијанманов сакав интервјуто за изложбата „Плачот на Адам“ да го направиме додека престојува во Њујорк за да ја исцеди суштината на неговите доживеани искуства таму.
Самостојна изложба во Њујорк. Што значи тоа за уметникот?
– Изложба во Њујорк значи исто толку како и изложба на кое било место во светот, ако изложбата е енергетски наполнета и пренесува максимално искрен став на уметникот. Без штедење. Во тој случај е препознаена од публиката, не само како културен настан, туку како исповед на уметникот. Оној што има трето око и сенс ќе го осети тоа, каде и да се наоѓа во светот. Битно е изложбата да не биде само збир од дела за да се исполни зададениот простор, туку да биде полнота на суштината. Но, можноста да биде видена од нови луѓе, нова објективна публика е голема во една метропола.
Како помина отворањето на изложбата и колку твои дела беа изложени во Њујорк?
– На изложбата се претставив со петнаесет платна, концентрирани во единствен циклус слики, кои ги работев специјално за „МЦ Галерија“ во Њујорк. Отворањето помина со љубопитни луѓе, уметници, случајни посетители од целиот свет. Имаше многу искрени прашања и одговори. Тука има толку многу галерии… се сетив на Малиот принц од Егзипери кога се разочара од фактот дека неговиот цвет не бил единствен во универзумот. Ги има милиони клонирани на земјата. Но, мудрата лисица му ја разреши дилемата: „Вреди само она кое го љубиш и за кого можеш да го дадеш животот“.
Никогаш не сум ја гледал уметноста како слепо гонење на оригиналноста, на модата, како еден вид чекор со времето. Што е времето? Уметноста е безвремена и стилските карактеристики се стриктно врзани за човечката личност, која, пак, е неповторлива. Оригиналноста без душа е само минлив дизајн на капиталистичкиот дух. Fast art. Кај нас некои големи историчари на уметност уште мислат дека современа уметност е само онаа која се прави по специфични стилски модели, следејќи ги технолошките изразни средства на западниот свет, шупливи форми со копи/пејст манири, без разлика дали самиот уметник ги живее или не таквите естетски доживувања. Самиот дух и личност на уметникот и не се толку важни, побитно е да се биде изразно средство на модерниот нихилизам.
Таквата оригиналност свети како билборд и кратко трае, додека не му помине модата. Помодарството е поопасно за уметноста од „неоригиналноста“. Тука во Њујорк првото прашање е: колку долари? Се запрепастив дека уметничкото дело првенствено може да се гледа како роба за продажба, како да нема никаква смисла да постои ако не му биде определена и цената. Затоа во прв план е дилерот на уметникот.
Изложбата е со наслов „Плачот на Адам“. На кој начин ја избра тематиката и ја наслови изложбата?
– Со години го набљудувам човекот кој и душевно и телесно е заробен во чекалницата Македонија. Си направив паралела со првиот човек Адам, кој чека и жали во пустината по изгубениот рај. Современиот Адам чека во чекалниците на болниците и во фондовите за здравство и се моли да добие термин за магнетна резонанца. Чека бескрајно долго во административните вртлози на едно мртво општество и свет кој се преправа дека живее. Симулација на постоењето. А од друга страна, корупција што како канцер ги глода клетките на секој што сака да живее. Плати и живеј. Тоа бесконечно чекање и транзитирање ме натера да го „документирам“ во дела.
Секоја уметност е сведоштво за едно време, јас ги одбрав темните страни на животот. Свитканата фигура што седи и се задлабочува во себеси преживувајќи го патосот на целиот свет и неуспехот на сите светски стратегии за развој и хуманизам. Коста Милков најпрецизно напиша во каталогот за изложбата: „Вечно чекајќи се претвора во ’Чекајќи ја Вечноста‘. Додека таа не се оствари, ќе се слуша ’Плачот на Адам‘, колективниот протест на човечката природа против секое ’чекање‘ во темните коридори на злокобните центри на моќ, кои Земјата, човештвото и општо земено, живиот свет, ги сметаат за репроматеријал за сопствени цели и за сопствена полза.“
Рецензентот Коста Милков посочува и дека со изложбата се занимаваш со сопствената „животна филозофија“ навлегувајќи во религиозни, па и библиски тематики. На какви истражувања се засновани претставените дела?
– Коста Милков толку длабоко продре во делата за њујоршката изложба, што самиот се затекнав за битните нешта кои не сум успеал целосно да ги увидам или решам во процесот на реализацијата на сликите. Сликарот се обраќа со таинствен јазик и неговите скриени кодови се решаваат многу подиректно со книжевно/философскиот јазик. Точно паралелата на стариот и на современиот Адам што ја истражував со месеци, ја стави во рамка рецензентот на изложбата и што е најважно, ѝ даде духовна димензија. Човекот што чека на клупата со часови во болниците, домовите за социјална помош и вработување, во една друга димензија ја чека вечноста и остварувањето на личноста и смислата, над светските лавиринти и закони за постоење. Секој Адам вечнее за изгубениот мир и рај.
Под силните светла на њујоршките авении, во најдинамичниот град на светот, овој осамен човек од сликите кој седи и само чека, како пркос на светската амбиција и формула за успех и триумф, најточно се вклопи во контекстот, во амбиентот. Како најголем контрапункт и контраст. Чувствувам дека во овој ултракапиталистички утописки свет, ако човек не ги реализира своите амбиции и остане „неуспешен“, може лесно да стане бездомник или психопат. Општеството не нуди многу избор. Или си на врвот или тонеш. Како судбината на главниот лик од „Ѕидот“ на Роџер Вотерс, оние што го пробиле дното, од најмрачната страна на неуспехот, стануваат диктатори и масовни убијци. Пред музеите и во метрото агресивно ви ги рекламираат делата на Ван Гог и Полок, ве повикуваат да платите 30 долари за да ги видите нивните дела во музеите, но ете го најголемото лицемерие: Во реалноста ви велат дека мора да сте богати и економски перфектно стабилни за да создавате или учите уметност. Но, секој уметник не е надарен да ги наплати и да ги менаџира своите творби. Ван Гог и Полок денес овде би биле бездомници што седат на клупите пред музеите.
Во такви услови, колку другите уметности и севкупноста на животот влијаат врз твоето творештво?
– Другите уметности, а особено филмот и музиката, се неразделни од моето сликарство и скулптурите. Толку многу ги сакам што се обидувам и да ги практикувам, да се изразам и преку нив. Во постојана соработка сум со театарски и филмски режисери и тоа го збогатува мојот живот. Љубопитноста, пак, од друга страна, за ликовната уметност ја има повеќе кај уметниците од овие жанрови отколку кај „ликовњаците“.
Во последно време кај ликовните творци има голема апатија и разочараност. Многу автентични уметници преминаа во дигиталниот дизајн и рекламниот маркетинг. Ликовната уметност е маратон, неа не можеш да ја истрчаш во сто метри. На стартот и во средината можеш да бидеш последен, но ако го издржиш растојанието, ќе бидеш и прв. Победува оној што ќе истрае до крај.
Претходно, преку здружението „Транзен“ од Струмица, се појави како продуцент на музичкиот документарен филм „Лука“. Какви искуства извлече од таа активност?
– Со уметниците што циркулираат околу проектот „Транзен“ со години произведуваме алтернативни дела од театарот, филмот, визуелните уметности и книжевноста. Сакам да учествувам и директно да помагам колку можам во процесот и дејствувањето на другите уметници. Тоа ме прави мене посреќен. Има толку многу млади уметници што тешко доаѓаат до израз. Кај нас локалните власти и општините, кои треба, како и секаде во светот, да вложуваат во овие уметници, се тотално слепи и неписмени за соработка. Освен ако ги фалите или сте во некаков медиокритетски договор со нив. Во спротивно, се прават дека не слушнале за вас, ниту сте им потребни.
Врските со музиката се присутни и во комуникацијата со групата „Мизар“, кои избраа твое дело за насловната корица на нивниот албум „Вечна празнина“. Како се појави таа можност?
– Со „Мизар“ соработката дојде природно и спонтано, без никаков договор. Горазд Чаповски ја сака мојата уметност, го откри во неа мизарскиот дух. Како да сме биле отсекогаш заедно во соработка, симбиоза, во моето сликарство тече бојата на „Мизар“, и во мракот свети нивната пустинска ѕвезда. Ќе дојде време кога овие вредности ќе бидат ѕвезда водилка за многу македонски уметници. Вечната празнина ете се појави и во „Вечното чекање“, темата на мојата последна изложба.
Влез во други сфери на ликовноста беше твојата скулптура создадена по инспирација од „Дениција“ на Петре М. Андреевски, на која од „Арт поинт – Гумно“ годинава беа особено горди. Со какви чувства ја создаде скулптурата?
– Збирката поезија „Дениција“ е едно од оние дела на македонската уметност кое го носиш со себе секаде, до крајот на животот. Сакав да направам материјализација и да ѝ дадам форма, а скулптурата е најубавиот медиум за кристализација на една идеја во материјал. На покана од Сергеј и Ирена Андреевски во нивниот прекрасен дом и простор на уметноста во родното место на Петре и „Дениција“ – Слоештица, го реализирав и поставив делото. Тоа е, всушност, скулптура на Дафне од митологијата, девојката што чувајќи ја својата девствена љубов станува дрво. Дениција се претвора во топола, според воведните стихови на Петре.
Местото е преубаво, а „Арт поинт – Гумно“ станува не само резиденцијално престојувалиште за уметниците од цел свет, туку и музеј на уметноста. Скулптурата е реализирана во железо, а на самиот раб од дланката која станува гранка, стои и трепери еден златен месингов лист. Многу ја сакам скулптурата заради нејзиното директно соочување и претопување со просторот, со природата. Нашите шуми, гробници и паркови треба да се полни со скулптури и дела од вајарите. Необременети од историскиот контекст.
По 16 самостојни изложби, какво чувство носи спознанието дека јавноста го препознава твојот автентичен творечки израз?
– За мене броењето самостојни и групни изложби, не претставува некој посебен успех и импакт ако тие не се во тек и синхронизација со бројот на дела и посветено творештво во ателјето, местото каде се решава судбината на уметникот. Таму почнува и завршува сè. И буквално по секоја изложба најголем дел од делата си се враќаат назад во ателјето, дома. Значи колку е голема температурата во ателјето, толку ќе биде и на изложбите, тука нема лажење. За едно дело треба денови и часови бдеење, стоење будно пред штафелајот. Уметничкиот чин е еден вид духовна терапија и аскетизам, кој му пркоси на консументскиот дух на светот.
Во развиени општества преку уметноста се лекуваат луѓе, тоа е веќе посебна терапија во некои болници. Јас се радувам дека поединци го сакаат она што го претставувам, го изразувам преку сликите. Целиот мој живот е посветен на уметноста и се радувам ако можам да влијаам со тоа врз другите луѓе што ја љубат уметноста и убавината. Дури и да е за малку луѓе, ако тие луѓе го реконструирале својот живот, нели вреди?
Но, уметноста е и вистина, а таа знае да биде сурова. Подобро е лице в лице да се соочиме со неа и преку неа да ги откриваме бездните во нашиот живот, отколку со врзани очи да ги прескокнуваме и на крај сите да пропаднеме во нив. Нашето општество не го разбира суштинското значење и зрачење на уметноста. Колку е таа поврзана со екологијата, менталната и физичка чистота, образованието на децата, а најмногу духовната вертикала и достоинство на еден човек и со тоа идентитетот на еден народ. Слепилото е една од најтешките болести на современиот свет. А слепиот ги води слепите.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 244, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.8.2024)
Leave a reply