Skip to content

Кон изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов (Рецензија на Игор Анѓелков)

Во 2018 година „Времиња“ во галеријата „МКЦ“, две ипол години подоцна „Пасија“ во галеријата „Метаноја“, а синоќа „Вечнеење“ во двата салона „Империјал“ при КИЦ во Скопје. Никола Пијанманов со новата поставка на супериорен начин ја сублимира својата поетика и ликовна естетика, своите интереси и светогледот, своите перцепции и внатрешни превирања. Оваа неформална трилогија заокружена со „Вечнеење“ и не можеше да содржи друг наслов освен повикот за една духовна егзистенција со поглед кон небото, кон вечноста, поткрепена со насловниот каталошки цитат на данскиот „Или-Или“ филозоф Сорен Кјеркегор: „Во овој живот одлучуваш за својата вечност“. Или со своето делување ќе придонесеш кон појасно согледување на контекстот во кој живееме, или комформистички ќе гледаш отстрана и ќе мислиш дека уживаш во плодовите на хаотичноста. Пијанманов влечејќи поуки од второто, радикално го поинаквува и разобличува првото „или“.

Без разлика што за првите две споменати изложби пишував на овие страници, синоќа сакав да присуствувам на новата изложба на струмичкиот уметник сосема чист и необременет од претходните впечатоци. Најавниот медиумски материјал велеше дека Никола прави ретроспектива на неговата работа од претходните три години, за време на кои се случи пандемијата со Ковид-19, а се присетив дека имаше престој и во инспиративниот Париз, каде и обајцата го обожуваме тој митски простор, гробиштата „Пер Лашез“, каде почиваат плејада личности важни за нашата духовна поткрепа. Сосема доволно за еден пристоен вовед во изложеното.

Распослани во репрезентативните салони „Империјал 1 и 2“ во КИЦ, делата на Пијамнамов од галериските ѕидови зрачеа со посебна енергија. Врескаат сината и црвената од сите страни и те вовлекуваат во засебен свет, без разлика на присуството на другите посетители околу тебе. На почетокот од патувањето не успеав да ја доловам комплетната замисла на авторот, но откако ја погледнав целата поставка, сфатив дека оваа изложба е совршена за создавање на сопствена приказна. Едноставно, циклусите (или нивните зачетоци), на чии блесоци се сеќаваме од претходните изложби на уметникот и кои тематски ги обработуваат чекањето, староста, смртта… се совршена основа за комбинација од можности, за создавање на засебни приказни, засебни светови во кои се’ е возможно. Таа литерарна димензија која ја нуди изложбата е зачинета со трите портрети во холот, „чистилиштето“ од каде демнат трите величини Ацо Шопов, Едгар Алан По и несреќни(к)от Салиери, за воспоставување на баланс во универзимот меѓу обете страни на огледалото.

Литерарното се провлекува и понатаму, низ сликите каде фигурира „Големиот Инквизитор“ („Оди си, не си потребен повеќе“, Ф. М. Достоевски), во „Стемнување“ надополнето со антологиската реченица на Данило Киш „Боже, колку овде брзо се стемнува“, како и во придружните песни крај делата „Девојката што чекаше“ од Николина Андова Шопова и „Меланхолија“ на Ана Ахматова. Сепак, овие песни, или некои стихови од нив, многу повеќе би сакал да ги видам како интегрален дел од платното, како составен дел на композицијата, па макар и со ситни букви таму некаде на маргините, а не како засебен лист хартија кој ја надополнува/дообјаснува сликата.   

И ако во левиот простор „Империјал 1“, каде се случи и официјалното отворање на изложбата, сме сведоци на прекрасната трилогија со дамите на различни возрасти од своето постоење, зачинети со фигурите на Хамлет, Девојчето со кибритчиња (повторно книжевност!) и останатите библиски мотиви и контексти препознатливи за уметникот, во „Империјал 2“ се соочив со моите платна-фаворити, оние од кои се почувствував способен да создадам приказна правејќи убав хибрид од виденото и доживеаното. Главни „виновници“ за тоа се сликите од серијалот посветен на градот, кои доминираат во изложбениот простор. Градот како суштество што се менува, како траума, како далечен свет кој недофатливо се истргнува од нашите раце, како место за разминувања и разделби, како гробница на сите наши надежи дека ќе го дофатиме Сонцето, додека тоа немилосрдно се измолкнува од нашите погледи. На крајот на краиштата, на градот како пропуштена можност за цивилизациска еманципација.

„Еј ти, надвор на студот остар

се’ поосамен, се’ постар

што стануваш,

можеш ли да ме почувствуваш?…“

Roger Waters, „The Wall“

Но, „треба ли нешто повеќе да кажеме од она што е изложено и закачено на ѕидовите, па макар тоа да трае колку траги во песокта?“, вели Пијанманов во ФБ статусот ден по отворањето на изложбата. „Од чувствата и мислите, од соништата и од мечтите сме решиле да правиме слики, и не само што тие слики ги запечатуваме во внатрешниот живот, туку и ги материјализираме, зрно по зрно пигменти, капка по капка боја, линија до линија, милиметри по милиметри… се бориме малку вечност да заробиме во конечен простор, на штици, платна, картони… ги врамуваме, не за да го разубавиме малку светот, туку да не нè погуби конечноста на светот. Вечнееме…“

На први ноември легендарните The Cure, после долги години, издадоа нов албум кој го најавија со првиот сингл „Alone“. Четири дена подоцна излезе мојата јубилејна десетта книжевна објава, романот „Ветрилиште“. Два дена потоа, синоќа, на 7 номеври, се случи отворањето на изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов. Случајности не постојат, светот се состои од нитки кои поврзуваат и ја продлабочуваат смислата на постоењето, и токму во тоа ја пронаоѓам(е) убавината на животот.

Игор Анѓелков

CategoriesUncategorized

Leave a reply

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *