Skip to content

ЧЕКАЈЌИ ЈА ВЕЧНОСТА

Кон изложбата „Плачот на Адам“ од Никола Пијанманов

Уметноста на Никола Пијанманов сведочи за неговата „философија на животот“, во која секако влегува неговата вокација на академски сликар. Тематски, Пијанманов оди наспроти текот на нештата. Најголемиот дел од неговите слики се со религиозна, односно библиска тематика. Тоа го изложува на ризик од „застареност“ во тематиката.

Пијанманов е свесен за тоа и секако, го зема предвид во творештвото. За него не постои „застареност“ во уметноста. Напротив, според Пијанманов, „помодарството“ е поголема опасност за уметноста. Од хронолошка гледна точка, автентичниот квалитет во уметноста на еден уметник може да го оцени само времето. Идните генерации што ќе доаѓаат со децении, па и со векови подоцна, ќе оценат дали неговиот опус на дела го заслужил епитетот „уметност“. Во меѓувреме, уметникот мора да се посвети на креативно творештво.

Библиската перспектива во сликите на Пијанманов е сѐ само не моновалентна. Таа е информирана од поливалентните интереси на уметникот. Книжевноста, музиката, филмот, теологијата, философијата, како и делата и мислите на другите уметници, се дел од интердисциплинарноста и интертекстуалноста во сликарството на Никола Пијанманов.

Овој случај го препознаваме и во збирката слики за изложбата „Плачот на Адам“. Насловот на изложбата, насловите на сликите и насликаното на платното се своевиден манифест на Пијанманов за состојбата на човештвото. Адам како архетип ги претставува сите оние кои биле живи, кои се живи и кои ќе бидат живи. Заедничкиот именител за сите родени во минатото, во сегашноста и што ќе бидат родени во иднината е смртта. Меѓу тие две точки стои отсечката на животот. Состојбата на човештвото е состојбата на човечкиот живот.

СОСТОЈБАТА НА ЧОВЕШТВОТО

Како Пијанманов го толкува човечкиот живот врз основа на оваа збирка на слики со колективно име „Плачот на Адам“? Седум од дванаесетте слики се идентично насловени како изложбата. Пијанманов го прикажува Адам во плач и во очај. Стилот на сликање е со примеси на експресионизам и на современа фигуративна уметност. Потезите се широки, решителни и експресивни. Доминираат црвената и виолетовата боја, додека тоновите се темни со силен контраст. Сето тоа упатува на длабоки интроспективни емоции. Стилот, техниката и изборот на бои укажуваат на болка, на страдање, на исклучување, на тага, на неутешност, на непростување и на непростеност. Фигурите на Адам се во драматични пози и интензивни движења. Овие фигури се под силен стрес и интроспекција поттикната од егзистенцијална криза. Во нив се истакнува уметничката креативност и вештина, но и интердисциплинарната ерудиција на Пијанманов. Иако човечките фигури се стилизирани и претставени како издолжени, дисторзирани и хиперболични, во нив има доволно реализам за да се забележат опишаните силни емоции. Може да се каже дека во секоја уметност која го претставува човечкиот субјект, соматското на сликите е во служба на душевното. Уметноста на Пијанманов тоа посебно го нагласува. Преку физичката реалност, уметникот ја нагласува психолошката. Телото ја одразува состојбата на душата, а лицето – состојбата на умот.

Значајна за уметничкиот израз на Пијанманов е композицијата. Сликите се сосредоточени на човечката фигура. Гледајќи ја заднината, речиси и да нема што да му го (при)/(од)влече вниманието на набљудувачот. Ова е повик на публиката да се внесе во психолошката состојба на насликаниот субјект, но и повик за помош. Амбиентот на сликите не е само изолиран, пустинички или отуѓен туку, пред сѐ, клаустрофобичен. Насликаните фигури се како фатени во замка, заробени, фрлени во темна зандана. Прашање е – дали воопшто има каков било излез?

Сето ова е насликано за да се обработи големото антрополошко прашање за смислата на човечкиот живот. Водечка тема во прашањето низ сликите на Пијанманов е човековата ранливост. Според него, во состојба на прекаријат не е само осиромашеното мнозинство од луѓето туку севкупното човештво. Но тој инсистира дека насреде човечката егзистенцијална несигурност останува една универзална извесност: смртноста.

СРАМ

Сликите на Пијанманов земаат предвид дека толку многу во животот е неизвесно, а смртта е толку извесна. Неговиот експресионизам и фигуративност во уметноста потсетува на делата на ФренсисБејкон, Едвард Мунк, Егон Шиле, Амедео Модиљани и Фрида Кало. Но во случајот на Пијанманов, приказот на реалната состојба на човештвото не значи и онтолошко и есхатолошко помирување со неа. Оваа состојба авторот не ја толкува низ призмата на нихилистичкиот егзистенцијализам. Адам за Пијанманов не е само митолошки архетип и метафора за колективното човештво. Тој е првиот човек создаден од Бог според Божјиот образ. Падот на Адам во грев е вовед во оваа трагична состојба на човештвото – суштина потврдена од другите слики од изложбата. На нив гледаме состојба на срам и на траорно чекање. Впечатокот го заокружува сликата со наслов „Паднат ангел“.

Чувството на срам денес не е во „мода“. Но тоа е првата манифестација на нашите прародители откако по падот во грев виделе дека се голи. Според Библијата, по падот во грешна состојба, првата емоција е срам. Токму композицијата на Пијанманов укажува на ова примордијално чувство ставајќи ги дланките врз лицето на фигурата. На овој начин авторот создава фокална точка што го „мами“ погледот на публиката. Впечатокот е засилен со отсечните потези на четката давајќи ѝ, на инаку статичната фигура, динамично чувство за штотуку завршено движење. Токму затоа што срамот е поврзан со видот, со согледувањето на „голотијата“, дланките врз очите се драматичен потсетник за тоа. Заднината на сликата е темна, со длабоки сенки на црно и на пурпурно. Но дланките се со светли и топли тонови на црвено, портокалово и на жолто. Заедно со белата која асоцира на ровкост и на ранливост, Пијанманов ја прикажува антрополошката парадоксалност, зашто белата и топлите бои не се само симбол на болка туку и на интимност и на надеж. Имајќи ги предвид темите инспирирани од Библијата, надежта е надеж за искупување на светот.

ЧЕКАЊЕ

Чекањето во надеж на ова искупување е важен дел од есхатологијата на Новиот завет. Во Евангелието по Матеј (24: 13), Исус вели: „А кој  ќе издржи до крај, ќе биде спасен“. Но ова чекање и „издржување“ никако не претпоставува пасивно помирување со тековната состојба на паднатото човештво. Евангелистот Лука вака го опишува почетокот на јавното дејствување на Исус Христос (4: 18-19):„Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледува­ње, да ги пуштам на слобода напатени­те.“

Сликите на тема чекање, „Во чекалницата,“ „Вечно чекајќи“ и „Човекот што чека,“ се теолошка критика на свет во кој сѐ уште има бедни, заробени, слепи и напатени. Во овој контекст, самиот автор за сликите од циклусот „Плачот на Адам“ во целина ќе напише:

„Ако стариот Адам чекаше во пустината на изгубениот рај и тажеше по градината на бесмртноста, новиот Адам се грчи од бол и од апатија, седнат на клупите, низ чекалниците во болниците и заводите за социјала и вработување.“

Тука, под „нов Адам“, Пијанманов не го зема предвид теолошкото толкување на апостолот Павле за Христос како за нов Адам. Тој мисли на современата состојба, на ужаснувачкиот постмодерен амалгам на радикален индивидуализам, суров неолиберален глобализам и на корумпирана концентрација на моќ. Но ова не е изјава на „објективно“ согледување дека реалноста повикува на „непопустлив очај“. Ова е точно и за другите интелигентни битија како што се ангелите. „Паднат ангел“, Пијанманов дава хамартиолошки коментар за гревот како отуѓеност од Бог. Дури и во принцип, „духовни“ битија како ангелите, страдаат од отуѓеноста од Бог, кога ќе отпаднат од Него. Пијанманов ангелот го прикажува антропоморфно, додавајќи ѝ на човечката фигура црни крилја, нагласувајќи ја својата уметничка и теолошка антропоцентричност.

„Во чекалницата“ и „Вечно чекајќи“ се композициски слични. Првата дава чувство на зандана, а втората на пустина. Нема излез ни од малата ќелија, ни од бескрајната пустина. „Човекот што чека“ се совпаѓа со емотивниот набој на целата збирка слики од оваа изложба. Она што отскокнува е златната заднина и златните нијанси на дланките. Едната е речиси целосно златна. Во оваа слика, верувам дека Пијанманов крие антрополошки парадокс сличен на оној на Ван Гог во сликата со два наслова „Тажен старец“ и „Пред портата на вечноста“. Пијанманов и Ван Гог споделуваат заедничка антропологија. И двајцата се крајно вознемирени од неправдата и експлоатацијата заснована врз корумпирана моќ. И двајцата веруваат дека за човештвото има возвишена Божја промисла. Според Ван Гог во човекот „има нешто благородно, нешто големо, нешто што не може да биде предодредено за црвите“. Според Пијанманов, примарната улога на уметноста е да го облагороди човештвото. На едно место тој вели: „Уметноста е вера! Таа ги менува луѓето однатре побрзо од образованието. Во уметноста има нешто пророчко, мисионерско. Таа е духовна определба“.

Оваа духовна определба е прикажана во изложбата „Плачот на Адам“ со најголема страст, а композицијата и боите на „Човекот што чека“ е своевиден манифест токму за неа. Тагата, болката, осаменоста и отуѓеноста доминираат и на оваа слика. Но и овој човек, како оној на Ван Гог, е и пред портите на вечноста. Тоа го најавува златната боја со која на иконите се прикажува Божјата суштина. Еднаш, откако ипостатното единство на Христос како Богочовек е остварено, сета човечка природа ја има можноста да учествува во божественото врз основа на Божјата благодат. Така, „Вечно чекајќи“ се претвора во „чекајќи ја вечноста“.

Додека таа не се оствари, ќе се слуша „Плачот на Адам“, колективниот протест на човечката природа против секое „чекање“ во темните коридори на злокобните центри на моќ, кои Земјата, човештвото и општо земено, живиот свет, ги сметаат за репроматеријал за сопствени цели и за сопствена полза.

Уметникот порачува дека со „Плачот на Адам“ – плаче целиот свет. Но овој плач не само што е копнеж за преобразба туку е знак за непопустлива надеж дека: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“. (Откровение: 21: 4).

„Плачот на Адам“ е уметничкиот пророчки и мисионерски аманет на Пијанманов за првиот Адам кој плаче, и за Христос, вториот Адам кој изјавува „Ете, сѐ ново создавам.“

д-р Коста Милков

Балкански институт за вера и култура

CategoriesUncategorized

Leave a reply

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *