Мечтата за безграничното, за безвременското е всадена во свеста на творецот. Неговата личност, тајната на избраните модели ја пресоздава во едно време, во душа што нема почеток и крај, туку само оттрајува... „За чудотворната билка сакам да ти кажам. Билката на трн е слична. Штом таа билка во рацете свои ја имаш вечна младост ќе најдеш и вечен живот“. Оваа мисла од 11-тата плоча на „Епот на Гилгемеш“, Никола Пијанманов ќе ја запише во своите „Дневнички записи“, текст објавен во каталогот за оваа негова изложба. Ќе ја запише и ќе ја одживува низ годините што се зад него, низ овие што ги живее сега и низ тие што ги живеат неговите слики, цртежи и илуминации... Така, чудотворната билка на трн што е слична, ќе расцвета низ бојата на сликите што тој ги оживува како патоказ кон безграничното. Од слика во слика, ќе трага по вечната младост на своите сликарски сновиденија. Со бојата и цртежот, со композицијата ќе ја создава својата сликарска алхемија. Природата што ќе ја издвои како модел е всушност, неговата тајна. И таа ќе го натера да се праша самиот себе си: „Смртен и вечен можам ли да бидам во исто време?!“. Низ линијата и површината, низ таинствените капки на бојата, капнати од четката, низ светлината и темнината, сликарството што имав можност да го видам, го доживувам како громогласна тишина. Ете, тоа е поетиката на оваа дарба. Верувам дека Никола Пијанманов нема никогаш да се откаже од неа зашто самиот добро знае дека таа, дарбата, е молитва и клетва во исто време, сликарскиот венец од трње ставен е на третата вечер, и покајание нема. Сликите што беа изложени и цртежите ја посочуваат определбата на сликарот: пред недофатливата убавина на природата со вознес да затрепери структурата на внатрешната визија и во неа трагичната, отсутна присутност на човекот!
Низ раните на пресеченото стебло, низ кората негова, низ листот, низ духовната елеганција на брезата, низ темнината на земјата и светлината на небото, низ костурот на рибата, да засвети и да се зацврсти верата во сопствениот сликарски знак. Се разбира, потрагата по него не е завршена. Но, верата ја препознала сопствената цел: Убавина во „Бескрајната долготрајност на сувиот јаворов лист“ како што самиот ќе запише. Никола Пијанманов низ својот текст во каталогот поставува прашања (а добро е што тој сам ги поставува), на кои одговара со дело недвосмислено и прецизно. Црта според ударите на срцето: бојата е севкупно значење на љубовта, кон бескрајното и бестелесното, кон небесното е насочена неговата дарба (а тоа е толкава реткост денес, кога е на власт уметноста „на стомакот и на црвите“). Никола Пијанманов го слика и го црта симболот што ги обединува сите тајни во една: сечовечката радост пред внатрешната слика на убавината!
„Тишината е присутност. Еден звук ја создава, еден продорен молк ја уништува“ – запишува тој во своите „Дневнички записи“. И ете го оксиморонот на неговиот творечки став!
На крајот, сакам по којзнае кој пат да потсетам на онаа огнена мисла на темниот Хераклит од Ефес: „ И сите земни, надземни и подземни патишта да се минат, не ќе може да се осознае длабочината, височината и широчината на човековата душа“. Во овој фрагмент е космичката целина на секое творечко постоење!
Текст на професорот Владимир Георгиевски по повод отворањето на самостојната изложба „Мирисот на венецот“ во Национална Галерија на Македонија - Мала станица, Скопје, ноември 2009 год.
Leave a reply