Деновиве во на јавен простор во струмичко Колешино беше поставена твојата скулптура „Штркот и змијата“ како самосвоен протест против отворањето на рудникот Огражден. Причината е позната, но од каде потребата кај Пијанманов за ваква акција и какви се првичните реакции на тамошната јавност?
Уште од почетокот кога група освестени еко активисти почнаа борба со отворањето на новите рудници во струмичко, во сред зелена зона и земјоделски рајски оази, мојата визуелизација за таа борба беше автентичната птица штрк, како чувар на ова поднебје. Како еден архангел Михаил кој се бори со ламјата. Тоа го замислувам како споменик на таа борба и на сите борби кои се водат против „отровните влекачи“ и змејови кои упорно се трудат засекогаш да го иселат автохтоното население од овие простори. Приказната за „штркот и змијата“ е токму таа борба која секојдневно ја војуваме, дали ќе летаме или ќе не држат приклештени за земјата? Ќе успееме ли да го победиме злото надвор и во нас? Во скулптурата не се знае сеуште кој е победникот .Змијата е зграпчена од канџите на штркот, а таа се подготвува за напад. Следува титанска борба.
Може ли еден уметнички чин како оваа скулптура, слика… да придонесе за промена на состојбата. Ако ништо друго да поттикне на размислување за светот околу себе и секако потребни чекори за спротивставување на безумието и самодеструктивноста на човекот?
Скулптурата „Штркот и змијата“ е реализирана со поддршка на Здружението за култура Транзен преку Цивика мобилитас во рамките на проектот за децентрализација на културата и уметноста во југоисточниот дел на Македонија. Самата мисија на тоа здружение со децентрализацијата на уметноста е веќе голема фактичка промена на терен. А уметноста може да не измени нас самите и преку нас таа промена да влијае врз околината. Јас секогаш се заљубувам во природата откако ќе видам слика од Ван Гог. После неговите слики, на човекот не смее да му биде дозволено од чудесните пејзажи да направи бетонски чудовишта и езера полни хемикалии. Во нашето ликовно образование за основна цел се смета учениците да научат да цртаат и сликаат. Не! Не секој е надарен за тоа и тоа е специфика за мал број таленти. Целта треба да е вљубување во уметноста во делата на големите уметници, во убавината! Затоа што кој ја сака уметноста тој ќе засака СЕ! Ако ние перцепираме креација, ние стануваме креативни. Таа е неисцрпна енергија и има голема моќ да дејствува, споро и бавно, но сигурно. Можеби звучам Донкихотовски но навистина верувам дека уметноста е една од последните сили кои можат да го спасат човештвото и синтезата на убавото и вистинитото. И верувам дека е подобро да сме сиромашни со чист воздух и чисти реки и езера, зелени планини и полиња, отколку да сме богати и развиени во пустина.
Колку сме свесни за зачувувањето на животната средина во нашава микро средина? Еве посебно кај вас во Струмица, на Исток од Македонија. Треба ли да се потпираме на институциите на државата или … да веруваме на ваквите поединечни чекори и на креирање на состојби на самоорганизирање и отпор кон нивното бирократско поведение?
Дури и со толкав силен отпор против бирократските змии кои пуштаат отров насекаде, пак сме во ситуација кога зачувувањето на природните убавини и Еко системот е во колапс. Институциите целосно потфрлија во тој дел и дури стравувам дека тоа прашање веќе не е ниту на дневен ред. Купиштата ѓубришта и депонии во кои се удави цела земја треба да стане приоритет број еден ако сакаме да останат живи суштества тука. Не само луѓе, туку и животни и растенија. Прогласувањето национални паркови и зелени заштитни зони во југоисточна Македонија е исто така врвен приоритет. А свесноста од на ден е се позамрачена, но тоа се должи на тридецениското понижување во секоја сфера. Луѓето се поретко си ја сакаат земјата, ја осеќаат како привремена станица и ја затрупуваат со ѓубре. За жал тоа „привремено“ место останува наш дом.
Деновиве во атељето на Пијанманов се раѓа уште едно дело. И повторно скулптура… Ја продолжува ли тоа интенцијата на авторот да заокружи можеби цел еден циклус со јасни хуманистички и еко пораки или… ?
Да. Овојпат по покана од градначалникот на општина Велес Аце Коцевски и нивната благородна иницијатива за поддршка на уметници кои втора година по ред го полнат градот со скулптуралните дела на уметниците кои се поставуваат низ Велес во контекст на архитектурата и просторот. Просторното обликување на градовите е исто така голем проблем кај нас и иницијативите од овој тип се за големо поздравување. Се надевам дека и другите општини ќе го следат тој пример. Општина Струмица покажа голем интерес за поставување мурали и монументални ликовни дела на јавни површини, верувам дека ќе продолжи на тој начин да се гради идентитетот на современите македонски градови.
Веќе подолго време чекате на презентација на својата нова ликовна, сликарска поставка која беше планирано да се случи во културниот центар „Метаноја“ во Скопје. За што се работи и ќе има ли шанси наскоро да вашите дела да ги види јавноста?
Тоа е изложба на серија слики поврзани во една тема „Пасијата на Христос“ на која работам три години. Со прекрасните домаќини и поддржувачи на уметноста од „Метаноја“, ја спремаме оваа изложба која треба да се случи во една од најубавите галерии за камерни изложби во Скопје на ул. Максим Горки како дел од книжевното катче на „Метаноја“. Заради ситуацијата со пандемијата изложбата е одложена се додека не се оформат услови за нејзина физичка реализација. Не ги сакам онлине изложбите, има нешто оттуѓено во нив кое многу ме плаши. Делата се готови, и тоа е најзначајното, а нивното изложување е – второстепено како што би рекол Николај Берѓаев. Битна е творечката замисла, реализацијата во ателјето. Презентацијата може да се случи било кога. А уметноста трае вечно!
октомври 2020 година
Leave a reply