Петок 13 април 2018 со голема чест за Никола Пијанманов.
Никола е автор со чие творештво се запознав преку Фејсбук. Би сакал да напоменам дека интернетот стана најголем промотор на квалитетни сликари кои доколку не би постоел би иле потиснати од моменталните состојби на критичарската сфера. Моментот на искреноста во творењето, различноста и истрајноста во неговиот сликарски сегмент ме воодушеви.
Никогаш не останувам рамнодушен на квалитетна уметност и како производ на тој квалитет е сегашната изложба на која јас искрено се радувам и во која се надевам вие ќе уживате.
Пијанманов одржува силна врска со препознатливите теми. Неговата оригиналност и иновација е начинот на кој тој избра да ги претстави архаичните теми со интересен сфумато колорит, бои, четка и видливи форми на гестикулација, прикази трансформирани во неговиот внатрешен свет па потоа прикажани на платното.
Ако веќе морам…како што останатите критичари го прават тоа, јас Никола би го споредил со Сутиновиот карактер на лирска депресија, добро документирана и моделирана во боја, со која делата ги надминуваат стандардите во ликовниот свет, изразувајќи автентичен и јасен авторски став. Многу од неговите слики содржат јасни референци за некои минати состојби, Никола квалитетно се реинтерпретира во секоја своја тема при што ја проникнува драмата и напнатоста која произлегува од неговите комплексни емоции кои остануваат трајно присутни во сликите.
Преокупацијата со осамени предели доминира во делата на Пијанманов, со акцент на наизглед минорни објекти, но кои во суштина, во себе го носат сижето на делото.
Тој ја филтрира својата вознемиреност околу состојбата во општеството преку своите религиозни теми и асоцијации.
Уверен сум дека Никола Пијанманов ќе даде уште многу на македонската ликовна сцена.
Горјан Ѓоргиев 2018
Leave a reply