Skip to content

Страст и универзум

Рецензија на Вера Стојчевска Антиќ кон изложбата „Пасија“ Смртта умира.

Уметноста е таинствена закрилница на животот. Таа со свој јазик зборува, со свои бои слика, со звук музички не’облагородува. Овие дарби несвојствени за секого ги почувствував со посетата на најновата изложба на слики од уметникот Никола Пијанманов во галеријата „Метаноја“, во центарот на Скопје. Со моето прво обиколување на сликите, почувствував духовна пролабоченост во моите насоки и почетно поимање на изложбата.

Пиета пред се, е темата на моето понирање во неа. Се потсетив на скулптурата Пиета од Микеланџело, сместена во извонредната постановка на базиликата Св. Петар, соборна најголема црква во Ватикан. Микеланџело на 25 годишна возраст ја осмислил сопствената претстава за синматиот Исус Христос од крстот, во скутот на својата мајка Марија. Меѓу двајцата уметници, заедничката основа е идејата да се претстави Мајката на Исуса, веќе симнат од крстот, кај едниот во скулпторска фигура, а кај другиот во духовно промислена насликана фигура. Кај Никола фасцинираат извонредните пејзажи околу збиднувањата на местото од Христовото симнување од крстот. По овој чин, Исус Христос е мртов и лежи во мајчиниот скут. Не доминираат крвавите рани, туку одвај забележителни мали ранички од шајките на крстот, на стапалата и на дланките.

Интересот кон новото сликање ме водеше од слика до слика, за да заклучам при крајот на првата обиколка, дека сите тириесетина (во различни димензии) слики чинат едно дело. Поврзаноста на библиската новозаветна содржина ги спојуваше сите слики во една целина. Но, таа целина не завршуваше со оваа констатација, напротив тоа цело се преливаше во Универзумот. И тогаш мислите ми одлетаа магновено кај умниците на светот Ајнштајн и Спиноза . Целата изложба ме привлече токму и поради насловот на мојот најнов текст „Барање на Бога“. И двајцата философи и научници, иако живееле оддалечени еден од друг цели три века, ги спојува констатацијата дека Бог постои, во неизбежна поврзаност со Универзумот.

Само што мислите ми одлетаа до темите на изложбата, сликите ми го навратија мојот омилен сликар и пријател Владимир Георгиевски, зашто во доловувањето на движењата на уметничката четка на Никола, ми се појавија токму неговите дела, во кои најдов сличности помеѓу двајцата автори. Токму во тој момент влезе приредувачот на салонот со изложбата, Коста Милков и прво што ми рече, гледајќи како љубопитно подолго време стојам пред сликите- „Знаеш, уметникот Никола неколку години работел кај Владимир Георгиевски“. Ги сопрев мислите и видувањата – колку нашите видувања, претстави неизговорени, не приближуваат незнајно! Како и на двајцата во еден ист момент ни пријде за жал неодамна починат, уметникот Георгиевски?

Во домашните премислувања, во мене лебдеше амбиентот на изложбата. Интересно, сликите беа прибрани во салонскио не голем простор, поставени прецизно и со голема педантност. Коста Милков повторно се надоврза. „Никола прво го разгледа просторот, а подоцна, според неговите димензии ги приреди и сликите. Пријатниот тематски амбиент ме привлече да го посетам повторно во нескриен интерес. Осамена, во изложбениот простор ја препрочитував новозавтната Библија, што е секако дел од мојата професија. Личноста во неа што го освои светот, без разлика на погледите на атеистите, или на верниците и денес ми носи суштински животни согледби. Неговата доброволна сосгласност да се жртвува за луѓето во светот е повеќе од искрена доблест на Човек кој истовремено е Бог. Неговата мајка Марија е непомалку возвеличен лик, доминира во изложбата како жена со безмерна природна љубов кон синот, насликана толку величенствено, во еден стил кој го изделува Никола Пијанаманов како извонредно уметнико око или како најуспешен талкач по вредностите на Дева Марија. Затоа во сликите каде што доминира Пиета во прегратките со умрениот син, таа е мајка, но и ќерка, бидејќи нејзиниот син е и Бог. Нивната заедничка и индивидуална судбина е тема на бројни уметнички дела, сликарски, скулпторски, книжевни, поетски, музички, со допир до инзвонредното народно творештво, кај сите народи, но особено нагласено кај нас. Пиета доминира во повеќе слики, но во онаа нејзина тиха големина, не на себеистакнување, без потенцирање на лик, очи, движења, а сепак со предизвик дека се е на своето место и на духовните состојби. Тие не се потенцирани, а се обоени и јасни. Темносините тонови проблеснуваат со светлина, некогаш мала, одвај видлива, но јасно осветлувачка. Колку е се непотенцирано, а толку многу јасновидно доживеано, што е уште една уметничка проникливост на уметникот. Пиета предизвикува длабока духовна убавина, проткаена со жалосна таговност. Таква е и мојата визија и перцепција на беспорочната Дева. Со други зборови, уметникот ја допре мојата Пасија кон овој извонреден лик со што и оправданоста за насловот на изложбата. Самиот мотив на насловната слика од каталогот, кога Пиета го повлекува мртвото тело од крстот, се претвора во универзална слика, насловена Пасија или Смртта умира, која предизвикува задлабочена замисленост за „смртта на смртта“ која отвора хоризонти, видувања можеби бесконечни, во случај да ја нема смртта? Овде се надоврзува сликата со наслов „Воскресение“ (за Дениција) на фонот обоен со сите бои од пастелниот и целокупниот свет, од кој израснува мало бело кокиче, што носи животни новини по смртта?

Извонреден спој на боите, од најсветли кон најтемни, но проткаени со светлина. Самата слика на распетието и симнувањето од него ја открива новозаветната библиска содржина во ново видување на трнливиот пат на Спасителот, познат и прифатен од нас протосмртните. Исус е сам, разбран од Марија, но тој е со сите нас.

Уметникот на своевиден начин во видувања и патишта кои само нему му се присутни, успева и нас да не приклучи во нив, откривајќи свои новини во богатото сликарско искуство, што ни помага да ја бараме неговата понесеност во начинот на кој ни ги доверува и поклонува своите дарби, предизвикувајќи ги и нашите проникнувања во нив. Во нас се создаваат слики и претстави поттикнати од доживеаните. Не само слики, туку и музички превирања кои соодејствуваат на посочените новозаветни содржини (Пиета, Марија, Исус, Марија Магдалена, Крстот) од видот на прочуените христијански музички творби од Феликс Менделсон (Песни без зборови), Густав Малер (Песната на оплакувањето), Хектор Берлиоз (Ораториум на Христос), Џовани Пјерлуиџи (Аве Марија), Антон Брукнер итн.

Во пријатните мигови што ми ги дава извонредната поставка на изложбата, посебно ја потенцирам „Ноќ во Гетсиманија“ позајмена од небесните чести прелевања на боите од вселенските движења. Месечината ги осмислува златестите прашинки наместо лисје на дрвото и нежните месечеви прашинки впиени во косата од Пиета. Светлината продира во темните предели на мозаичните слики, прибрани во еден своевиден пат на уметникот Пијанманов.

CategoriesUncategorized

Leave a reply

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *